ЕУ да опстои на принципите

22.01.2014 15:42

Во Брисел, во фокусот на разговорите на шефот на македонската дипломатија...

Во Брисел, во фокусот на разговорите на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски со европратеникот Ричард Ховит, известител за Република Македонија во Европскиот парламент беше нацрт-резолуцијата за напредокот на Македонија во 2013 година, усвоена од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на 21 јануари 2014 година. Финалниот текст на Резолуцијата се предвидува да ја усвои Европскиот парламент во првата половина на февруари 2014 година.

Известителот Ричард Ховит ги презентираше своите видувања за предлог-текстот на Резолуцијата претставена на Комисијата за надворешни работи на ЕП. Притоа ја нагласи силната заложба на ЕП за неодложен почеток на преговорите за членство за Македонија, повик што бил насочен од европратениците и кон тековното претседателство со ЕУ. Воедно констатираше дека националната придавка е принципиелно содржана во текстот на нацрт-резолуцијата. Заклучи дека повеќе ставови наведени во Резолуцијата, која била резултат на серија компромиси помеѓу пратениците, одразувала генерални заложби и не била насочена посебно кон никого.

Министерот Попоски се заблагодари на континуираната поддршка на ЕП за членство во ЕУ. Истакна дека секој член на ЕП има одговорност за промоција на европските принципи и дека нивното евентуално нарушување носи ризици во очите на граѓаните на Македонија.

Затоа е значајно оценките и вредностите искажани од европратениците да бидат на линија на тие што ги промовира ЕУ на свој терен. Секој евентуален однос кон земја-кандидат различен од односот кон земја-членка носи предизвик за кредибилитетот на проширувањето, смета министерот.

Видно е влијанието на претстојните европски избори врз активностите на неколку сегашни европратеници. Со нив ја споделуваме загриженоста која произлегува од  статусот и амбициите на најрадикалните движења во Европа. Сето ова треба да биде наш дополнителен мотив за разумно дејствување како европски ориентирани чинители, констатираше Попоски.

Ако промовирате принципи во Македонија, промовирајте ги и во сите другиземји-членки и кандидати на ЕУ. Ние први ќе ве поддржиме да успеете, затоа што веруваме во успешен европски проект, беше заклучокот на Попоски.