Собрани над 10 милијарди долари за помош на Сирија и регионот
Часови откако мировните преговори во Женева се ставени во мирување, светските лидери се на средба во Лондон. Повеќе од 70 шефови на држави и на влади пристигнаа во британската престолнина во обид да соберат 9 милијарди долари за луѓето погодени од војната во Сирија…

Обидот беше успешен. Британскиот премиер Камерон објави дека се собрани над 10 милијарди долари, пари кои ќе бидат наменети за отворање нови работни места, за изградба на населби за бегалците, за отворање улилишта за децата - бегалци, за обезбедување медицинска нега, во Сирија и во околните земји . Целта е да се санираат последиците од војната која веќе влегува во својата шеста година.
„Се работи за финансиска помош за бегалците. За помош на тие луѓе, на нивните смејства, за едукација на нивните деца, да им се даде достоинството да работат“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.
„Кризата во Сирија влегува во својата шеста година. Меѓународната заедница има огромна одговорност поради неуспехот да се стави крај на истата. Се надеваме дека напорите на специјалниот пратеник на ОН, Стефан Де Мистура ќе вроди со прогрес“, смета генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
Македонија која е во срцето на балканската бегалска рута ќе остане транзитна земја, кампови кај нас нема да се градат, но ќе и се помогне на Сирија.
„Во рамки на нашите можности, преку институциите на ОН и ние се вклучуваме во меѓународната помош, меѓутоа и ние ги трпиме последиците од ситуацијата во Сирија и во регионот, изложени сме на трошоци без наша вина и тоа е на некој начин удел во овие предизвици со кои се соочува блискиот исток“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Македонскиот претседател имаше средба со домаќинот, премиерот Дејвид Камерон. Се согласиле дека мора да се зголемат капацитетите за заштита на македонско – грчката граница, бидејќи безбедносните ризиџи се зголемуваат. Полицијата открива сè повеќе бегалци со лажни документи кои ја минуваат грчката граница, па оттука се предлага да се прифати единствен биометриски регистрационен документ.
„Не сме оставени сами, и другите пријателски земји се обидуваат да ни помогнат, бидејќи со тоа се штитат и самите себе. Ова е глобален проблем и сеској треба да даде свој удел за справување со предизвиците“, нагласи Иванов.
Иванов имаше и бројни билатерални средби со колегите од регионот, меѓу кои и со грчкиот премиер Ципрас, со бугарскиот Борисов, со словенечкиот Церар.
Сѐ погласни се мислењата дека одлуки за Сирија и за регионот треба да се донесат брзо, во спротивно, земјите ќе се соочат со интензивен пролетен бегалски бран.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Лондон за МРТ
