Пораки за мир и толеранција од Молитвениот појадок во Вашингтон

05.02.2016 10:23

Од традиционалниот Молитвен појадок во Вашингтон се испратени пораки за мир и толеранција меѓу народите во светот. Македонските претставници коишто деновиве имаа средби со американскиот политички врв оценуваат дека посетата е успешна и дека реално се претставени состојбата и предизвиците со кои се соочува Македонија.

Светот е исполнет со предизвици што создава страв кај луѓето. Верата е начин да се победи тој страв. Се молам луѓето мирно да ги надминат разликите, изјави американскиот претседател Барак Обама во говорот на Молитвениот појадок во Вашингтон. Тој повика на толеранцијата меѓу верниците од сите религии и солидарност со бегалците и луѓето на коишто им е потребна помош.

„Постојаните промени и несигурноста што ја носат е реална. Тешкотијата на семејствата да состават крај со крај, бегалците што бегаат од места каде има војна, се работи што се реални. Тероризмот е реален. Дури и напредокот што го направи човештвото, напорите и стабилноста што многу од нас ја уживаат што се најголеми досега во историјата, но посочуваат на оние луѓе коишто се уште се борат за напредок. Ова ги открива јазот и перспективите што постојат помеѓу децата на светот“, изјави американскиот претседател Барак Обама.

На Молитвениот појадок присуствуваа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, тројца пратеници и сопругата на поранешниот македонски претседател Вилма Трајковска.

„Молитвениот појадок е една значајна средба, од која се испраќаат пораки на пријателство и братство. Но би кажал дека севкупно ја оценувам посетата како успешна, затоа што ја прикажав реално каква е состојбата во Македонија и како гледаме натаму како да ни помогнат Соединетите Американски Држави за да се справиме соодветно со предизвиците што во текот на овие и идните години и престојат на Македонија. Некои работи не зависат од Македонија и затоа ни се потребни вакви пријатели, моќни држави како САД, врз чија политика влијание имаат сенаторите, конгресмените и други влијателни личности во оваа држава. Интересно за мене исто така беше и започнувањето на претседателската кампања во САД. Севкупно посета од која можам да кажам дека се испратени пораки од моја страна и очекувам овде соодветно да бидат прифатени за Република Македонија и на кои соодветно ќе биде одговорено од нашите пријатели во Соединетите Американски Држави“, изјави Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија.

„За време на посетата на Вашингтон имав бројни средби со претставници на Сенатот и Конгресот, со претставници на невладини тинк-тенк организации, а во текот на денешниот ден ќе имам средби во Белата куќа со советникот на претседателот Обама за Европа, Селест Валетер, и се разбира средби во Стејт Департмент и во Пентагон. Исто така имав два настапи овде во Германскиот Маршалов Фонд и во Сенатот на тркалезни маси што се однесуваа на состојбата во Европа, особено со мигранската криза. На овие средби разговаравме за интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и во Европската унија, а исто така разговаравме и за состојбите во регионот и домашната состојба во Република Македонија“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.

Молитвениот појадок во Вашингтон секоја година е место каде лидери од политиката, бизнисот и религијата се сретнуваат за да демонстрираат разбирање и толеранција меѓу луѓето од целиот свет.

Молитвениот појадок оваа година се одржува по 63-ти пат. На него учествуаат 3.200 гости од сите американски држави и од 130 земји во светот.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ