Речиси 2.000 новозаболени со симптоми на грип
Минатата недела, близу 2.000 граѓани со симптоми на грип се јавиле на лекар, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. На удар е возрасната група од 15 до 64 години. Најмногу заболени се регистрирани во Струмица...

Температурниот шок во февруари влијае врз здравјето на граѓаните. Висока температура, црвено грло, затнат нос, малаксаност - минатата недела речиси две илјади граѓани со симптоми на грип побарале помош од својот лекар.
„Два месеца бев настината, имав сува кашлица. Со чаеви, антибиотици- помина.“
„Јас сум повозрасен и се вакцинирам во октомври. Сега се заштитувам со чаеви и лекови.“
„Цело семејство седиме дома, не излегуваме.“
„Ќе се справиме, што да правиме“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Најмногу на удар се хронично болните, бремените жени и децата - лекарите апелираат да се почитуваат препораките, хронично болните да ја земаат потребната терапија, и да се одржува личната хигиена.
„Од неодамна започна второто полугодие, колективното здружување на децата - затоа можеби кај нив побрзо се шири таа инфекција и е попрусутна. Исто така, наставниот кадар е едуциран да има проветрување на просториите, да се излезе надвор без разлика ако е температурата пониска, едноставно да се избегнува долг престој во затворена просторија“, вели д-р Татјана Баевска - Вучковиќ, директор на Здравствен дом Скопје.
Честопати обична настинка може да предизвика сериозни инфекции. Најмногу страдаат децата кои одат во градинка и во училиште- таму бактериите полесно се пренесуваат.
Докторите апелираат родителите да не ги пуштаат болните деца во градинка или во училиште и потребната терапија да не им ја даваат на своја рака.
Од почетокот на сезоната регистрирани се речиси 4.900 заболени. Лекарите очекуваат бројката да се зголемува.
Андријана Атанасова
