Старт-ап бизниси: Најважни се иновативната идеја и добриот тим
За прв пат Македонија се вклучи во Европската недела на старт-ап бизнисите. Најмногу нови фирми има во информатичката технологија. Најважна е иновацијата и добриот тим...

Квалитетна иновација која може да мине на странскиот пазар и добар тим се основните услови за успешен почеток на старт-ап бизнисите. За да им тргне на почетниците во бизнисот потребна им е поддршка од сите инволвирани: агенции, центри, комори, акцелератори, банки, фондови. Сепак најважни се идејата и желбата да се успее.
„Она што ние го правиме се програми за старт-ап школата, односно шест неделни програми и шестмесечни програми кои на крајот од завршувањето ќе се осознае дали старт-апите имаат можност да настапат на пазарот и секако со финансии од наша страна и од страна на ЕУ и други фондови да можат да го зголемат своето дејствување надвор од Македонија“, вели Игор Маџов од Њу менс бизнис акцелератор.
„Мораме да бидеме искрени дека од социјалните партнери и деловната заедница, без оглед дали е здружение на работодавачи или стопански комори мораат повеќе да се фокусираат на начинот како да им го олеснат водењето на бизнисот на старт-апите, бидејќи тие се пред се поведени од добра идеја, од добра пасија и од добра желба да придонесат со нешто ново во деловниот свет“, смета Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.
Преку менторство и селекција ќе се издвојат идеите и бизнисите кои можат да се интернационализираат и да успеат на странските пазари. Најмногубројни старт-апи се од информатичката технологија, но највоочливи се оние компании кои нудат иновации. Сепак нужна е институционална поддршка.
„На едно место успеавме да ги собереме сите чинители. За првпат во Македонија, и најверојатно во регионот на Балканот имаме средба, конференција на која старт-ап компаниите се заедно со институциите“, вели Јулијана Прчковска, Косид.
Европската недела на старт-ап бизнисите иницирана од Дигиталната агенда на Европската комисија истовремено се одржуваше во повеќе од 40 земји и во повеќе од 200 градови. Ова е потврда за квалитетот на македонскиот претприемачки дух и на иновативноста на компаниите, порачаа организаторите.
Свето Николовски
