Груевски: Гарантирано вработување за 100 најдобри студенти

05.02.2016 16:48

Вработување за 100 најдобри студенти во Македонија - лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски објави уште шест нови проекти за младите. Ќе се измени и дополни законот за административни служебници и други посебни закони во кои ќе се предвидат критериумите за најдобри студенти...

Дирекно вработување на 100 најдобри студенти на додипломски студии, стипендии за средношколците кои ќе освојат награда на научна олимпијада, нови скејт паркови, возобновување на анфитеатарот „Скупи“, комплетно реновирање на библиотеката „Браќа Миладиновци“, реконструкција на Офицерскиот дом во Битола.

Ова се 6-те нови проекти за млади кои ги презентираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Од секоја учебна година стоте најдобри кои дипломирале на државни универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација и во акционерски друштва. Ќе се подготви методологија за рангирање според просечната оценка во текот на студирањето што ќе има околу 70% удел во одлуката.

„Оваа мега мерка ќе биде сериозен стимул за најдобрите студенти кои се посветиле за образованието, клуч за успех во животот на секој поединец и негов најголем капитал. Овие луѓе ќе имаат сигурна егзистенција и ќе може да ја градат својата иднина во Република Македонија“, рече Груевски.

Министерството за култура ќе стартува во април со проектот за возобновување на анфитеатарот „Скупи“ со 9 илјади седишта, место кое е предвидено да биде збиралиште на младите. Предвидено е да чини 8,5 милиони евра.

Груевски вели дека ќе се добие уникатен објект каде би се одржувале концерти, претстави, а ќе биде и туристичка атракција. 300 илјади евра пак Град Скопје ќе оддели за комплетно реновирање на библиотеката „Браќа Миладиновци“.

Во Битола ќе се реконструира Офицерскиот дом. Во него ќе има сала за венчавка на младите брачни парови. Почетна инвестиција е 2 милиони евра.

Во Кавадарци, Штип, Куманово, Тетово и во Охрид ќе се градат скејт паркови. За нив ќе инвестира Агенцијата за млади и спорт, а изградбата ќе стартува 2017-та.

 

Наташа Гркова- Петрушевска