МВР: За 24 часа издадени 2.841 потврди за азил
Според државјанството, најмногу се издадени потврди на државјаните на Сирија- 1.303, потоа на 848 државјани на Авганистан и на 690 државјани на Ирак.

Во изминатите 24 часа издадени се потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на вкупно 2.841 странски државјани, од кои 1.090 од машки и 657 од женски пол, како и на 1.091 деца кои го придружуваат носителот на потврдата и три деца кои патувале без родител, соопшти МВР.
Според државјанството, најмногу се издадени потврди на државјаните на Сирија- 1.303, потоа на 848 државјани на Авганистан и на 690 државјани на Ирак.
Од почетокот на годинава издадени се потврди на вкупно 68.025 странски државјани, од кои 27.661 се од машки пол, 14.686 се од женски и 25.551 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 127 деца кои патуваат без родител. Најбројни се државјаните на Сирија-33.183, Авганистан-21.295 и Ирак-13.544.
Во истиот период до Секторот за азил барање за признавање на право на азил поднеле десет лица (седум од Авганистан и три од Сирија) врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 07.02.2016 година евидентирани се вкупно 11 баратели на азил од кои осум мажи, една жена и две деца со придружба на старател.
Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, еден маж , една жена,пет малолетни деца со придружба на старател, пет малолетни лица без придружба на старател се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика.
