Македонско- косовската граница ќе се минува само со лични карти

08.02.2016 15:35

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Косово, Никола Попоски и Хашим Тачи денеска во Приштина потпишаа два билатерални договора. Со првиот, граѓаните на двете земји ќе можат со биометриски лични карти да ја преминуваат границата при што ќе им биде овозможен краток престој. Вториот договор се однесува на отворање нов граничен премин Белановце – Станчиќ за меѓународен сообраќај меѓу двете земји...

Граѓаните на Македонија и Косово наскоро ќе можат да ја минуваат границата само до биометриска лична карта. Ова беше одлучено на денешниот состанок помеѓу вицепремиерот Хашим Тачи и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.

Минувањето на државната граница ќе важи за посети со краток престој. На состанокот во приштина, двајцата политичари договорија и отворање на нов граничен премин за меѓународен сообраќај Белановце- Станчиќ.

„Во духот на оваа соработка разговаравме и за реализација на заедничките инфраструктурни проекти и за можноста за тоа да се добијат средства од Европската унија и меѓународните финансиски институции. Значајно е соработката да ја развиваме и во рамки на Европската унија. За нас е од стратешки интерес сите наши соседи да бидат стабилни и просперитетни и да можеме сета соработка која досега ја имаме да ја унапредуваме“, изјави шефот на дипломатијата Попоски.

Засега нема точен датум кога ќе се реализираат договорите, но се очекува да стапат на сила штом ќе бидат ратификувани во парламентите на двете земји.

„Односите со Македонија се одлични. Македонија за Косово е битен и стратешки партнер и политички и економски, дипломатски и безбедносен во сите сфери. Потпишавме важни договори за Косово и за Македонија“, рече вицепремиерот на Косово, Тачи.

На средбата меѓу Попоски и Тачи уште еднаш беа потврдени добрите соседски односи. Договорена е соработка во инфраструктурата преку изградба на автопат со кој ќе се поврзат Приштина и Скопје, а има интерес од двете страни за соработка на полето на образованието, науката, културата и безбедноста. Тачи изрази благодарност на Македонија за поддршката што ја дава нашата земја на Косово за членство во меѓународните организации, особено во УНЕСКО.

 

Анита Димитријевска, специјален известувач од Приштина за МРТ