Новиот воз пуштен во сообраќај

08.02.2016 15:45

Со новиот модерен воз се возеа првите редовни патници на релацијата Скопје- Велес. Наскоро во земјава ќе пристигнат и другите возови кои ќе ги испорача кинескиот производител. Со патниците до Велес патуваше и нашата екипа. Еве што забележа...

Од Велес до Скопје, новиот воз ги превезе првите патници. Првото патување, велат им оставило добри впечатоци.

„Добро е, се надеваме ќе биде уште подобро дека се очекува да пристигнат и нови возови... Предноста е во удобноста“, велат патниците.

Задоволни се и вработените во Македонски железници.

„За прв пат е супер, мислам дека патниците се задоволни“, вели кондуктерот Славко Митревски.

Едни пристигнаа, следни ќе отпатуваат. Старите, запуштени вагони се надеваат ќе останат во минатото.

„Предноста е тоа што е чисто, модерно, убаво... Супер е подобро од тие што беа... Требаше вака да биде пред 50 години“, велат паниците.

Оваа компјутеризирана машина, сензорно опремена, им овозможува на машиновозачите поголема комоција во управувањето.

„Олеснето е возењето, комуникацијата, има поголема прегледност со другите службени лица“, вели машиновозачот Никола Спировски.

Во кабината машиновозачот ги привршува последните подготовки. Откако ги добива последните инструкции, по добиениот сигнал тргнува кон следната дестинација.

Помодерен, побрз, поудобен- тоа се надежите на патниците кои секојдневно патуваат на оваа релација.

Наскоро во Македонски железници ќе пристигне и модернизираниот моторен воз еден од четирите планирани, а возниот парк ќе биде надоплонет со уште една електрична машина.

 

Фиљана Кока