Раната дијагноза на хиперактивноста кај децата е најважна
Хиперактивност и намалена концентрација кај децата се табу тема во земјава, но во речиси сите воспитни групи има по едно дете кое ја манифестира оваа состојба. Воспитувачите и негувателките изнаоѓаат начини да ги вклучат во редовните активности, да ги искористат нивниот капацитет и креативност. Раната дијагноза е најважна, нивната состојба не дозволува социјализација - велат психолозите.

Во речиси сите воспитни групи во градинките има по едно дете коешто е хиперактивно и има намалена концентрација. Иако оваа тема е енигма во земјава, во последниве години бројот на деца со ваква состојба бележи постојан раст - велат психолозите. Градинките работат на поголема вклученост, со цел искористување на капацитетот и креативноста на овие деца.
„Главниот начин преку кој го постигнуваме тоа е индивидуализација на работата. Целта не е децата да се исклучат од редовните активности туку, да им се помогне на стручен начин како да се вклопат во вообичаените редовни планирани активности. Главно, комуникацијата со родителите се случува на иницијатива на вработените кои се обидуваат да воспостават соработка и да го отворат проблемот како јавен“, вели Софија Димитровска - психолог во градинката Срничка.
Хиперактивните децата најчесто се дефокусирани, не ја следат наставата, а ги вознемируваат и другите деца. Поголемиот дел од нив ги игнорираат училишните обврскии постигнуваат слаби резултати. Сето тоа пак ги прави маргинализирана категорија. Раната дијагноза е најважна.
„Откако се почна со таа дијагноза, се отвори можност тие деца да може да се третираат. Генерално се работи со дефектолози кои се обидуваат да ги смират, да ја намалат таа хиперактивност. Медикаментозно лекување сеуште не се препорачува, но во светот почнуваат се користат лекови кои го смируваат детето“, изјави Весна Стојановска - потпретседател на Здружението за аутизам и АДХД „Во мојот свет“.
Марко Ферех го имал овој проблем во детството, но состојбата му е променета. Вели поддршката за овие деца е многу важна, бидејќи само така можат да бидат успешни.
„Секогаш е потребно што повеќе да се едуцираат учителите и родителите, бидејќи тие деца имаат голем потенцијал. АДХД не ја спречува личноста да биде успешна и затоа е важно да им се даде поддршка на тие деца, за да можат подоцна да пораснат во успешни луѓе“, смета Марко Ферек - претседател на здружението „Будење“ од Загреб.
Кога дознал за неговата состојба истражувал, а сега го пренесува своето искуство. Веќе 10 години за раната дијагноза на хиперактивноста предава низ училиштата и градинките низ светот.
Андријана Атанасовска
