Електронско следење на промените во катастарот

08.02.2016 16:04

Банките, извршителите и компаниите отсега ќе може да ја користат апликацијата „watch dog“ што ја воведе Агенцијата за катастар на недвижности со која во секој момент ќе имаат увид во состојбата на имотот за кој се заинтересирани...

Повеќе од 500 имотни листови и други податоци досега граѓаните и правните лица ги презеле електронски од Катастарот. Сега во реално време, преку компјутер или паметен уред,  можат да се следат поднесените барања и направените промени. Правната сигурност е гарантирана. 

„Се работи за апликација која е директно барање од банките и од извршителите и која ќе ја зголеми правната сигурност на имотот за кој доверителите се должни да се грижат во смисла на обезбедување“, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славче Трпески.

Од Комората на извршители сметаат дека со ова се олеснува постапката во извршувањето, трошоците се пониски. Се намалува и бројот на  извршувања на хипотеки, кој сега  е сведен на една во шест месеци. 

„Ова ќе оневозможи било какви манипулации со недвижностите, но од друга страна ќе се изцбегнат и одредени трошоци кои би можеле да настанат во постапката за извршување“, вели Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители.

Од Стопанската комора сметаат дека бизнисот ќе ја користи новината.

„Сметаме дека со оваа мерка ќе се зголеми правната сигурност и на доверителите бидејќи во секој момент ќе имаат увид во состојбата на имотот кој е ставен како залог“, истакна извршниот директор на Комората, Јелисавета Георгиева.

На интернет страницата јавно е достапен и регистарот на цени и закупнини, кој ќе дава информации за купопродажбата и локацијата на недвижноста.

 

Дијана Ценевска