Изборниот законик го помина комисискиот филтер
Усогласените измени на изборниот законик ќе бидат тест на редовните претседателски избори...

Усогласените измени на изборниот законик ќе бидат тест на редовните претседателски избори и ќе покажат дали власта има волја да спроведе фер и слободно гласање, став на опозицискиот СДСМ. Според Бендевска, се уште има неимплементирани препораки од ОБСЕ.
,,На дело конечно ќе се покаже дали власта и покрај тоа што ги прифати нашите барања има политичка волја и политички капацитет да дозволи слободни,фер и демократски избори“ рече Весна Бендевска од СДСМ.
Мнозинството направи отстапки за да се елиминираат сите стравувања на опозицијата дека ќе има нерегуларни избори, одговори Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека и досега се спроведуваа фер и демократски избори, а имплементирани се сите препораки од ОБСЕ.
,,Република Македонија е подготвена за фер,слободни и демократски избори во кои сите учесници ќе имаат можност за еднаков пристап во изборниот процес“,потенцира Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.
За ДПА овој изборен законик е нелегитимен и, како што рече Беким Фазлиу, не гарантира фер политички натпревар. Бојкотот на работната група за изборниот е партиски проблем на ДПА, вратија од ДУИ.
,,Само ако се постигне договор меѓу четирите големи политички сили и се друго околу организирањето на изборниот процес,само тогаш може да се каже дека има консезуален договор“ истакна Беким Фазлиу од ДПА.
,,Во голема мера се земени предвид забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и несомнено дека е постигнат еден оптимум во подготовката на изборниот законик“, реплицираше Неџати Јакупи од ДУИ.
Во изборниот законик се прецизира дека пред и за време на кампањата нема сечење црвени ленти, тендери и отворање објекти со државни пари. Донациите за кампањата од правните субјекти се утврдени најмногу на 50 илјади евра, а власта и опозицијата ќе имаат рамноправен медиумски простор.МВР ќе врши ажурирање на избирачкиот список 4 пати годишно.
Откако власта и опозицијата ги усогласија ставовите, извесно е дека на претседателските избори ќе се оди со новите измени на изборниот.Според најавите,тие би се одржале во првата половина од април.
Милчо Велески
