Голема железничка несреќа во Германија

09.02.2016 13:15

Најмалку осум загинати, над стотина повредени во директен судир на два патнички воза на југот од Германија. Несреќата се случила кај Бад Ајблинг, на околу 60 километри од Минхен..Во тек е истрагата за причините за несреќата...

Бројот на загинати во судирот на два патнички воза во германскиот град Бад Ајблинг во Баварија се искачи на девет луѓе. Според полицијата повредени се повеќе од 150 луѓе. Германскиот дневник „Зидојче цајтунг“ известува дека околу 10-мина се во критична состојба. Од силината на ударот, едниот од возовите излетал од шините. Локалните медиуми пишуваат дека постои големо стравување дека бројот на жртви ќе расте.

„Двата воза се судриле на железничката линија меѓу градовите Бад Ајблинг и Холцкирхен. Тоа е линија со една шина. Возовите возеле фронтално. Ова е многу сериозна несреќа. На местото на настанот има голем број пожарникари, припадници на федералната и државната  полиција, амбулантни возила. Најважното нешто сега е да се спасат повредените кои се уште се наоѓаат во возовите или околу нив“, изајви Натсот Рајнер Шарф, портпарол на федералната полиција.

Несреќата се случила на тешко пристапен терен, околу 7 часот изутрината по локално време. Спасувачките тимови со хеликоптери ги превезуваат повредените до ливада во близина на Бад Ајблинг, од кадешто со возила на брза помош се префрлаат во болница. Во тек е истрага на несреќата, а причините се уште не се точно утврдени.

„Претпоставувам дека поради сериозноста на несреќата, двата регионални воза кои се користат за транспорт се судриле фронтално со голема брзина на движење“, вели Шарф.

„Се уште немаме информација зошто двата воза тргнале да возат. Тоа е предмет на истрагата која ќе ја води обвинителството во соработка со полицијата од Розенхајм“, изјави Јурген Талмајер, полиција.

Возовите се во сопственост на приватната компанија Меридијан, којашто испрати соопштение за несреќата. Германските медиуми јавуваат дека поради карневалот училиштата во Баварија се затворени, а да не било така, возовите би биле полни со ученици.

 

Марина Автовска