Ќе се отворат три нови читални
Сѐ поголем број студенти за испитите учат во читална каде користат преведена странска литература, 1.000 стручни и научни учебници од 10-те најдобри универзитети во светот...

Слободанка Џотова е студент на Правниот факултет. За испитите од втора година учи во читалната во Градскиот трговски центар.
„Има многу литература која ми помага во текот на учењето, бидејќи еден предмет не може да се совлада само со книгата зададена од факултет. Можеме да се служиме со литература во секое време, секогаш се достапни вработените за нашите потреби“, вели Слободанка.
Речиси 300 студенти дневно ја посетуваат читалната. Надлежните планираат вакви објекти да отворат и во Струмица, Велес и Аеродром.
„Досега имаме преведено 993 стручи учебници од најреномираните светски универзитети. Јас ве уверувам дека во следниот период ќе продолжиме со целиот овој процес и со негова надградба, бидејќи е објавен тендерот за 50 нови учебници од проектот 1.000 стручни на научни учебници. Начинот и формата по која ќе бидат организирани овие читални во другите градови ќе бидат по примерот на првата читална во Скопје, ќе бидат типски и со сите потребни ресурси за студентите да можат да ги искористат можностите кои им се нудат преку стручната литература која што им е на располагање“, изјави Спиро Ристовски, заменик- министер за образование и наука.
Овие специјализирани читални ќе почнат да работат за една година. Проширувањето на мрежата со локации, е од големо значење, велат надлежните, а литературата која што се користи е од проектот за превод на 1.000 стручни и научни книги кои се употребуваат на најдобрите светски универзитети. Книгите од овој проект можат да се најдат на 33 локации – Народни и Универзитетски библиотеки, како и во читалните.
Наташа Јанчиќ
