Австрија е подготвена да им помогне на Македонија и Србија во редуцирање на мигрантскиот бран
Виена ќе прими само 37.500 мигранти годинава и е подготвена да им помогне на Србија и Македонија во редуцирање на мигрантскиот бран. Целта на Австрија според Курц- покрај национални мерки е воспоставување соработка со другите земји бидејќи Грција одбива помош од ЕУ...

Австрија и земјите од Западен Балкан заеднички ќе работат за намалување на приливот на мигрантите- констатираа на средбата во Белград министерот Себастијан Курц и премиерот Александар Вучиќ. Австрискиот шеф на дипломатијата го информираше Вучиќ дека Виена ќе прими само 37.500 мигранти годинава и е подготвена да им помогне на Србија и Македонија во редуцирање на мигрантскиот бран. Целта на Австрија според Курц- покрај национални мерки е воспоставување соработка со другите земји бидејќи Грција одбива помош од ЕУ.
На прашање на МРТ, дали и кога Австрија ќе упати воено-цивилна мисија на македонско-грчката граница, Курц изјави:
„Австрија има добри контакти со Македонија и е подготвена за соработка на полето на кадровскиот потенцијал. Унгарија успешно соработува на тоа поле со Македонија и се надевам дека и нашата соработка исто така ќе биде успешна.“
Премиерот Вучиќ изрази стравување дека и покрај желбата за сеопфатно европско решение за мигрантската криза-истото е далеку на повидок. Запрашан дали Србија ќе испрати доплнителна подршка на македонско грчката граница, тој изјави:
„Ние веќе испративме 20 полицајци и опрема. Македонија е суверена држава и ние тоа го почитуваме, но доколку таа побара помош, секогаш сме подготвени да и ја пружиме.“
Вучиќ додаде дека Србија нема да поставува жици и ѕидови, но знае како да ја заштити својата граница со Македонија. Постојат линии преку кои неможеме да преминеме и Србија нема да дозволи да бидеме економски загрозени поради мигрантите- констатираше Вучиќ.
Австрискиот шеф на дипломатијата продолжува со балканската турнеја која ќе ја заврши во четврток во Скопје.
Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ
