Прилепчанец една година го чувал мртвото тело на својата сестра

09.02.2016 15:52

Прилепчанец цела година го чувал дома мртвото тело на својата сестра. Полицијата интервенирала откако соседите почувствувале непријатна миризба. Центарот за социјални работи пред пет дена им тропнал на врата на братот и на сестрата...

Повеќе од една година 50 годишниот прилепчанец Јане Наумоски го чувал дома мртвото и мумифицирано тело на својата сестра, 49 годишната Милка Наумоска. По непријатната миризба што се ширела, вчера попладнето соседите пријавиле в полиција.  Лекарите биле затекнати од глетката.

„Според првичната проценка, таа била веќе почината повеќе од една година. Била чувана во посебна просторија, била прскана со средства против мушички, покривана со неколку ќебиња. Буквално, телото било мумифицирано и личело на мумија, како што гледаме во египетските филмови“, вели Гоце Јонзоски, раководител на прилепската служба за итна медицинска помош.

Брартот и сестрата биле со попречени психички способности. Од Центарот за социјални работи велат дека на четврти овој месец некој анонимно им се јавил дека Милка и Јане Наумоски се во тешка состојба и им е потребна материјална и здравствена помош. При увидот на улицата „Браќа Ламески 1А“ тимот од социјалните работници уште на вратата почувствувал силна непријатна миризба, но братот не дозволил да влезат во внатрешноста. Само рекол дека сестра му не е дома и не знае кога ќе се врати. Наредниот ден центарот ја известил полицијата.

Според  јавниот обвинител,  откако соседите вчера попладне пријавиле дека се чувствува непријатната миризба, полицијата влегла во домот на Наумоски.

Братот и сестрата живееле сами три години по смртта на татко им. Наумоски лани пријавил и оствариле право на социјална полош, но потоа воошто не се јавил.

Обдукцијата треба да покаже како и кога починала 49 годишната прилепчанка Милка Наумоска.

 

Елизабета Митреска