Случај Тамара: Да им се помогне на децата со слична дијагноза

09.02.2016 16:08

Мирен протест пред обвинителство одржаа група граѓани кои бараат да се расветли случајот на Тамара Димовска која почина пред една година како резултат на искривување на р`бетот. Мајката на девојчето бара од институциите да им се помогне на сите деца кои имаат иста или слична дијагноза...

11- годишната Ханита има искривување на пршлените- иста дијагноза како починатата Тамара. Досега четири пати била оперирана во Анкара, но, на своја сметка. Следната операција чини 20 илјади евра. Таткото на Ханита вели финансиски веќе се немоќни. Двапати помош побарале од Фондот, но, биле одбиени со образложение дека маната била вродена. 

„Операцијата е многу скапа, јас немам можност да ја платам. Уште оваа година ако не и бидат оперирани пршлените, ризикуваме да остане во количка“, вели Фадула Салиу - татко на Ханита.

Од Фондот за здравство велат дека девојчето нема конзилијарно мислење од соодветна македонска здравствена клиника. За в петок закажале преглед.

„Фондот презема активности и стапи во контакт со родителите, при што утврди дека нема конзилијарно мислење од соодветна македонска здравствена клиника, нема поднесено барање за лекување во странство и поради тоа закажа преглед на универзитетската Клиника за ортопедија во петок, каде лекарите ќе го дадат својот наод и стручно мислење. Доколку биде поднесено барање за лекување во странство, Фондот во законски утврдените рамки ќе донесе одлука“, соопштија од ФЗОМ.

Мајката на Тамара, вели ќе направи се да му помогне на девојчето, да не и се случи истата судбина како нејзината ќерка.

„После сето она што го видов ја гледам мојата Тамара која молеше по институциите да и помогнат, а сега молиме тука пред оваа институција да го расветли случајот. За да не се случи нова Тамара ќе направам се ова дете да го исправиме на нозе“, изјави Жаклина Димовска - мајка на Тамара.

Пред Обвинителството група граѓани со мирен протест бараа надлежните да го расветлат случајот за малата Тамара и да ги посочат одговорните за нејзината смрт. Основното јавно обвинителство вчера преку соопштение информираше дека за случајот има повеќе осомничени. Повикани се да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот- велат од обвинителството. 9- годишната Тамара Димовска боледуваше од сколиоза, почина пред една година.

 

Андријана Атанасовска