Почна судскиот процес за кумановските настани
Под силно полициско обезбедување, почна судскиот процес против 29 обвинети за мајските настани во кумановската населба „Тоде Мендол“. Одговараат за тероризам. Обвинителот рече дека ќе докаже оти тие учествувале во судирот во Куманово и нападот во Гошинце. Тие во своја одбрана велат дека не се виновни...

Не негираат дека биле во кумановската „Дива населба“, но одбиваат да им се суди за тероризам. Тоа е тежок збор и бараме да ни се објасни прецизно. Ова беше дел од воведот на некои од обвинетите за тероризмот во Куманово. Сепак, сите 29-мина тврдат дека не се виновни. Одбраната побара случајот да го преземе специјалното обвинителство. Судот потврди дека Јанева досега не ги побарал списите ниту пак стигнал допис до судот дека Специјалното обвинителство е надлежно.
„Нашите докази се воглавно вербални. Тоа ќе го направиме кога ќе дојде стадиумот на испитување на обвинетите. Сите обвинети ќе сакаат да дадат исказ и тоа го најавивме денеска на главната расправа, додека пак за решителните факти, ние сметаме дека има една генеза, поврзаност на настаните Гошинце и Дива населба“, вели адвокатот Насер Рауфи.
Групата одговара за тероризам и за формирање терористичка организација. Според обвинителството, нападот во Куманово бил подолго време подготвуван.
„Одбраната треба да се темели во поглед на властодавецот кој јас го бранам, исклучиво со вербални докази, бидејќи одбраната тврди дека тој нема никаква инволвираност ниту било каква врска со настаните од 9-ти мај“, вели адвокатот Асмир Алиспахиќ.
Организацијата и членовите на групата според обвинителство се од Косово, додека логистиката од Македонија. Сите биле подредени во хиерархиска структура. Обвинителството тврди дека располага со докази со кои ќе се докаже делото.
Судењето продолжува на 11-февруари за кога е закажано сослушување на останатите обвинети.
Анита Димитријевска
