Јужна граница: Подготвеност за справување со илегалните премини

09.02.2016 17:29

Македонија е подготвена да се справи со илегалните премини на границата – порача шефот на државава Иванов при посетата на јужната линија, каде што се поставува втората заштитна ограда. Тој вели – мора да се прави разлика меѓу безбедносниот и хуманитарниот аспект на кризата. Побара поголема помош за земјава...

Припадниците на АРМ го поставуваат заштитниот жичaн обрач покрај постоjната ограда долж јужната граница – 35 километри лево и десно од каменот 59. Ги посети  претседателот Иванов. Се информираше за состојбите со бегалците. Направи увид на терен. Се очекува во претстојниот период да има поголем бран бегалци. По поставената ограда, припадниците на армијата и на полицијата успеале да спречат влез на 33 илјади економски мигранти.

„Пристапуваме кон втората фаза од поставување заштитна ограда, која има за цел дополнително да ги спречи илегалните минувања и премини на нашата државна граница. Од поставување на првата ограда Армијата има спречено 19.000, а полицијата 14.000“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.

Земјата се соочува со многу предизвици и закани, но има капацитет да одговори и активно да дејствува, посочи шефот на државата. Македонија е веќе препозната како веродостоен партнер во справување со мигрантската криза.

„Имаме ветувања кои се уште не се исполнети. Ги користиме нашите буџетски средства, средствата на Армијата и на полицијата. Неопходна е помош од возила за патролирање, термални камери и друга опрема за поефикасно справување со мигрантската криза“, нагласи претседателот Иванов.

Во зајакнување на безбедносните контроли на македонските безбедносни сили им помагаат полициски службеници од Чешка и од Словачка. Се очекува да стигне и втората група полицајци од Храватска и Словенија. Наскоро и австриската полиција ќе помогне во регистрацијата на бегалците долж јужната граница. Се очекуваат   унифицирани документи за да се надмине проблемот со економските мигранти. За само еден ден дури и по 100-тина се обиделе со лажна документација да влезат на нашата територија.

Претседателот го посети и Транзитниот центар во Гевгелија. За 24 часа биле издадени речиси 2.400 потврди на сириски, авганистански и државјани на Ирак. Од август минатата година Армијата се ангажира на јужната граница со одлука на шефот на држвава, кој вели продолжува агендата за справување со мигрантската криза. Ситуацијата на терен Иванов ја следеше и од хеликоптер.

 

Наташа Гркова- Петрушевска