Насилствата- секојдневие во Киев

22.01.2014 16:47

Ситуацијата е тензична откако надлежните потврдија дека тројца демонстранти загинале...

Црн снег паѓа во запалениот Киев. На плоштадот на независноста Мајдан се слева река од народ. Ситуацијата е тензична откако надлежните потврдија дека тројца демонстранти загинале. Околностите за нивното загинување се уште се нејасни. Сепак, очигледно е дека се долеа оган во антивладините протести, до потенцијално експлозивно ниво.  

На Jутјуб е отворен канал со директен пренес од состојбата во Киев насловен револуција. Премиерот Азаров зборува за „терористи од Мајданот“.

„Циничната и неморална природа на терористите отиде до таму што фрлаа молотови коктели врз луѓе.Учесниците во овие нереди не може да се наречат мирни демонстранти и учесници во разговори. Тоа се криминалци кои мора да сносат последици за своите дела“, изјави Микола Азаров, премиер на Украина.

Предмалку медиумите од Украина јавија дека е во тек средба на Претседателот Јанукович со опозициските лидери на која се бара начин за излез од кризата. Власта и опозицијата меѓусебе се обвинуваат на чија совест се жртвите.

„Комплицираната состојба во којашто се наоѓа Украина во моментов е на некој начин тест за зрелоста на народот, за внатрешното единство и толеранцијата. Уверен сум дека Украина ќе биде посилна откако ќе ги надмине овие политички и економски предизвици. Нашата цел е правдата, добросостојбата и слободниот живот во слободна земја“, смета Виктор Јанукович, претседател на Украина

Во меѓувреме, од западниот дел на Киев голема толпа се собира на местото на судирите, голема е веројатноста за провокации и насилство од двете страни. Активистите креваат барикади за да се заштитат, а полицијата има одобрение од Азаров за употреба на огнено оружје во случај на опасност. Ултранационалистичката младина е без контрола, опозицијата преговара со полицијата да им се придружи. Јанукович е претседател од 2010-та. Во 2004-та кога се случи портокаловата револуција беше кандидат за претседател, а повод за народниот бунт беше обидот да ги фалсификува изборните резултати.

 

Марија Петковска