Партиски избори во САД

Сандерс и Трамп со убедливи победи во Њу Хемпшир

10.02.2016 12:23

Демократот Берни Сандерс и републиканецот Доналд Трамп победија на партиските избори во американската држава Њу Хемпшир во трката за претседателски кандидат.

Демократот Берни Сандерс и републиканецот Доналд Трамп однесоа убедливи победи на партиските избори во американската држава Њу Хемпшир во трката за претседателски кандидат. Од речиси 90 насто преброени гласови, бизнисменот и милијардер Трамп освои најмалку двојно повеќе гласови, односно околу 34 насто, отколку второрангираниот противник од редовите на Републиканската партија, Џон Кејсик, кој доби 16 насто и се најде на второто место пред Тед Круз и Марк Рубио. Со водството во Њу Хемпшир, Трамп за првпат широката поддршка од анкетите ја пренесе во првата победа на гласањето. По објавувањето на резултатите, тој изјави дека ќе и ја врати големината на Америка. Му ја честиташе и победата на победникот од Демократската партија, Сандерс.

„Америка повторно ќе биде голема. Ќе го сториме тоа на старомоден начин. Ќе ја победиме Кина, Јапонија. Ќе го победиме Мексико во трговијата. Ќе ги победиме сите овие земји кои секојдневно ни земаат премногу пари. Тоа нема да се случува повеќе“, изјави Доналд Трамп, Републикански кандидат за претседател.

Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс освои 59 насто од гласовите пред демократската кандидатка Клинтон, која доби 39 проценти од гласовите. Сандерс изјави дека неговата победа покажала дека луѓето сакаат вистинска промена.

„Денеска испративме порака која ќе оддекне од Вол Стрит до Вашингтон, од Мејн до Калифорнија. А тоа е дека владата на нашата голема земја им припаѓа на сите луѓе. Подготвени ли сте за една радикална идеја? Заедно ќе создадеме економија која ќе биде добра за сите нас, а не само за 1 процент од населението“, рече демократскиот кандидат Берни Сандерс.

БИ-БИ-СИ оценува дека на обајцата кандидати, и на Сандерс и на Трамп во прилог им оди бранот незадоволство кај граѓаните од политиката на владејачката гарнитура. Њу Хемпшир е втората американска држава која бираше делегати во долготрајната битка за номинација, откако минатата недела на гласањето во Ајова, во редовите на републиканците победи Круз, додека меѓу демократите Клинтон. Следните партиски избори ќе се одржат кон крајот на февруари во Невада и во Јужна Каролина.

 

Марина Автовска