Општините ќе може да ангажираат 200 невработени лица за општокорисна работа

10.02.2016 12:49

Преку Агенцијата за вработување, општините годинава ќе може да ангажираат 200 невработени лица за општокорисна работа. За оваа намена се обезбедени 9 милиони денари. Со ангажманот нема да им биде укината социјалната помош на оние што ја добиваат, тврдат надлежните...

Општините годинава ќе ангажираат 200 невработени за општокорисна работа. Ангажираните лица ќе бидат од евиденцијата на невработени кои спаѓаат во категоријата потешко вработливи. Нивната задача ќе биде да се грижат за старите и неподвижните. За оваа намена се обезбедени 9 милиони денари. За 6 месечните активности ќе им бидат платени храна и превоз.

„Оваа мерка им помага на потешко вработливите лица да добијат работни навики и потоа да го најдат своето место на пазарот на труд и да преминат на работно место. Социјалната помош нема да им биде укината, и понатаму ќе продолжат да земаат 6.200 денари“, изјави дополнителниот заменик- министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Општините ќе можат да аплицираат во рок од 35 дена. Повикот е отворен од денеска.

„Оваа мерка веќе од 2012 година е на пазарот на труд, едноставно е наменета за оние на кои најмногу им треба, а претставува и помош за општините и за граѓаните во нив“, вели Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Со оваа мерка во изминатите 4 години се ангажирани 540 невработени, од нив 140 се вработиле.

 

Наташа Јанчиќ