180 милиони денари за 28 регионални проекти
Станува збор за проекти со кои ќе се гради или реконструира локалната патна инфраструктура во пет региони, ќе се гради инфраструктура во две локални индустриски зони во Велес и Неготино, а ќе се уреди јавен простор за паркови во три региони...

180 милиони денари за регионален развој. Усвоен акцискиот план за спроведување на активностите од стратегијата за периодот 2016- 2020. Со парите ќе се финансираат 28 проекти.
Станува збор за проекти со кои ќе се гради или реконструира локалната патна инфраструктура во пет региони, ќе се гради инфраструктура во две локални индустриски зони во Велес и Неготино, а ќе се уреди јавен простор за паркови во три региони. Ќе се модернизира регионалниот пазар за стоки во Пелагонискиот регион, ќе се изведуваат комунални инфраструктурни проекти во три региони, а ќе се изврши и адаптација и санација на Занаетчискиот дом во Куманово, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Тој истакна дека ќе се реализираат и проекти за развој на туризмот во три плански региони, а во два региони ќе се спроведат проекти за подобрување на условите за живот и заштита на животната средина.
Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани потсети дека од повикот што го има објавено Министерството за локална самоуправа, од вкупно 256 милиони денари за регионален развој, со овој повик се распределуваат скоро 180 милиони денари. Другите средства се резервирани за нови проекти, односно за нови повици кои ќе бидат објавени наскоро, рече Шабани.
