Доживотен затвор за Дрпљанин

10.02.2016 15:05

Доживотен затвор за Алмир Дрпљанин обвинет за нападот врз патролата на припадниците на мобилната единица „Алфа“, кај Природно-математичкиот факултет во Скопје во ноември 2008 година, во кој беше убиен полицаецот Африм Арифи, а двајца негови колеги беа тешко повредени. За случајот, Дрпљанин претходно во отсуство беше осуден на доживотен затвор во 2010-та. Одбраната најави жалба...

Доживотна робија за Алмир Дрпљанин. Го убил полицаецот Африм Арифи. Основниот суд пресуди – заедно со Ќерими Реџаил, Исмаили Агил и уште двајца, за полицијата непознати сторители, во 2008-та на парконгот кај Природно-математичкиот факултет возејќи се со голф испукале 70 куршуми кон возилото на полициските алфи. Арифи почина на самото место, додека неговите двајца колеги останаа трајни инвалиди. За време на судењето, сведокот Дејан Спасовски го идентификуваше Дрпљанин како лице кое од него ги купило регистерските таблички, за кои подоцна полицијата утврди дека биле монтирани на голфот од којшто е пукано.

Ова е втора пресуда. Во отсуство веќе беше осуден на доживотен затвор. Во повторената постапка, неговиот адвокат тврдеше дека Дрпљанин не бил во земјава кога се случила престрелката, но не достави ниту еден доказ со кој ќе му се обезбеди алиби и ќе се спротивстави на цврстите докази со кои излезе обвинителството. Како мотив за убиството се наведува- крвна одмазда.

По Дрпљанин беа распишани неколку меѓународни и поголем број национални потерници за бројни тешки кривични дела сторени во Македонија. Во земјава беше екстрадиран од косовскиот затвор Дубрава во јануари минатата година.

 Дрпљанин е осуден на осум години затвор и за разбојништвото врз комбето на „Македонски пошти“ во скопската населба Чаир, кога беа украдени 900 илјади евра. Неговото име се поврзува и со грабежите на Прокредит и на Комерцијална банка.

 

Анита Димитријевска