Нови е- услуги од ФЗОМ

10.02.2016 15:08

Три нови електронски услуги промовира денеска Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Електронско барање за рефундација за болничко лекување, електронско барање за рефундација на лекови на рецепт и електронско барање за рефундација на вграден и потрошен материјал се новините кои ги воведе Фондот.

Кога на осигуреникот од различни причини не му е платен здравствениот придонес повеќе од 60 дена, здравствената услуга треба да ја плаќа во целост, а потоа да поднесе барање за рефундација, кое не застарува 5 години. Отсега, на многу поедноставен начин ќе може да се оствари ова право преку новата електронска услуга.

Исто така, доколку на осигуреникот за време на болничкото лекување му е побарано да купи лек кој е на позитивната листа, по завршување на лекувањето има право да поднесе барање за рефундација на средствата преку електронски пат.

Со третата електронска услуга доколку осигуреникот за време на болничкото лекување има набавено медицински потрошен или пак, вградил материјал, има право на поврат на средствата од фондот.

Минатата година се отворени преку 13 илјади предмети за рефундација на средства за лекови и преку 1.000 предмети за рефундација на вграден потрошен материјал и здравствени услуги.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска