Регионален развој: 180 милиони денари за 28 проекти
180 милиони денари за регионален развој. Усвоен акцискиот план за спроведување на активностите од стратегијата за периодот 2016-2018. Со парите ќе се финансираат 28 проекти...

180 милиони денари од државната каса како помош за развој на осумте плански региони во земјава. Акциониот план за 2016- 2018 предвидува реализација на 28 проекти. Најмногу пари ќе добијат најнеразвиените региони. Околу 500.000 евра ќе се инвестираат во изградба на локалниот пат Р- 601 со кој граѓаните од пет општини ќе добијат побрз пристап до планинарскиот дом на Плачковица. Најмногу пари се предвидени за локалната инфраструктура.
„Ќе се гради или реконструира локалната патна инфраструктура во пет региони, ќе се гради инфраструктура во две локални индустриски зони во Велес и Неготино, а ќе се уреди јавен простор за паркови во три региони. Ќе се модернизира регионалниот пазар за стоки во Пелагонискиот регион, ќе се изведуваат комунални инфраструктурни проекти во три региони, а ќе се изврши и адаптација и санација на Занаетчискиот дом во Куманово“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Дополнително ќе се реализираат и проекти за развој на туризмот во три плански региони , и проекти за подобрување на условите за живот во два региони. Програмата за рамномерен регионален развој опфаќа и проекти за развој на селата. За ова ресорното министерство во наредниот период ќе објави два огласа. Финансиската поддршка е над милион ипол евра.
„Изградба и реконструкција на патишта, плоштади, комунални објекти, подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти. На пример реконструкцијата на регионалниот пат Гостивар-Србиново, колектор за прибирање отпадни води од населените места во општините Тетово и Желино...“, изајви министерот за локална самоуправа Лирим Шабани.
За инфраструктурно уредување на индустриската зона Караслари во Велес и во Неготино, општините ќе добијат 300.000 евра.
Викторија Милевска
