Се бара субвенција од 2,5 денари за килограм откупена пченица

10.02.2016 16:20

За да се справи со преголемиот прилив на евтино српско брашно, млинско- пекарската индустрија бара субвенции од државата за секој килограм лани откупена домашна пченица. Според нивното објаснување станува збор за 2,5 денари за килограм за колку што е поскапо брашното произведено од домашна пченица.

За да се справи со преголемиот прилив на евтино српско брашно млинско-пекарската индустрија бара субвенции од државата. За секој килограм лани откупена домашна пченица од државата бара 2,5 денари за колку што е поскапо брашното произведено од домашна суровина. Според нивните пресметки производната цена на килограм брашно од домашна пченица изнесува 14,5 денари, додека увозното се продава за денар поевтино.

„Апел до државата да изнајде решение за да ја субвенционира мелничката индустрија за откупените количества од минатата жетва според нашите калкулации  со 2,5 денари за килограм“, изјави Горан Малишиќ, претседател на Групација на млинско-пекарска индустрија.

Земјоделците ги поддржуваат млинарите, но и самите бараат дополнителна поддршка од државата, поради како што велат, пониските лански приноси на лебно жито што ја зголемило производната цена на пченицата.

„Нашето барање до министерството е да ни се надополни разликата меѓу продажната и производната цена, а тоа е околу два денара“, вели Ефтим Шаклев, претседател на Федерација на фармери на Македонија.

Математиката на домашните млинари покажала дека би работеле нормално доколку купуваат пченица по пазарни цени. Не бараат  забрана или контрола на увозот, туку еднакви услови како и српските млинари и гарантираат поевтино брашно. Месечно земјава троши околу 11.000 тони брашно, а годишно се увезуваат  околу 50 илјади тони, најголем дел од Србија.

 

Свето Николовски