Од ФЗОМ негираат дека одбиле интервенција за малата Ханита

10.02.2016 16:44

В петок, лекарите од ортопедија ќе ја прегледуваат 11-годишната Ханита по што ќе следува конзилијарното мислење од кое ќе зависи - дали родителите ќе можат да поднесат барање за лекување во странство. Од Фондот негираат дека два пати одбиле интервенција, како што тврдеше таткото на девојчето. Денеска објавени три нови електронски услуги...

Конзилијарното мислење на лекарите од ортопедија за 11- годишната Ханита која има искривување на пршлените ќе се знае по прегледите закажани за в петок. Потоа ќе се знае дали родителите ќе можат да поднесат барање за лекување во странство - велат од фондот за здравство. Од Фондот негираат дека два пати одбиле интервенција за овој случај како што тврдеше таткото на девојчето.

„Ги проверивме тврдењата дека неколку пати лицето е одбивано за лекување во странсво, ги прочешлавме документите и утврдивме дека од 2012 година нема таков предмет во архивите на ФЗОМ за лекување на лицето во странство“, изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски.

Фондот денеска објави дека со три нови електронски услуги ќе се олеснува процесот за рефундирање на парите за болничко лекување, за лекови на рецепт и за вграден и потрошен материјал.

„Очекувани бенефиции од користење на порталот за овие електронски услуги се: едноставен начин на доставување документи преку сопствениот компјутер, намалување на метежот на шалтерите на фзом, информираност на осигурениците, точна и достапна информација за рефундација на средства, намалување на хартиената документација и користење на ЕЗК“, изјави Орхан Рамадани- директор на ФЗОМ.

Минатата година се поднесени повеќе од 13 илјади барања за рефундирање на пари за лекови и повеќе од 1.000 за вграден и потрошен материјал.

 

Ана Јосифовска- Тодоровска