Пораз за 10-то место
Македонската ракометна репрезентација загуби од Шпанија со 33:22 на последниот натпревар на Европското првенство во Данска и е 10-та во конечното рангирање меѓу 16-те репрезентации на шампионатот. Шпанците во натпреварот влегоа како големи фаворити, македонската селекција без поголеми амбиции со желба да одигра добар натпревар за достојно простување.

Македонската ракометна репрезентација загуби од Шпанија со 33:22 на последниот натпревар на Европското првенство во Данска и е 10-та во конечното рангирање меѓу 16-те репрезентации на шампионатот. Шпанците во натпреварот влегоа како големи фаворити, македонската селекција без поголеми амбиции со желба да одигра добар натпревар за достојно простување.
Нашата репрезентација почна и заврши без Лазаров и Пецаковски кои се пожалија на повреди. Без голема тензија, но цврсто во одбраната, барем додека имаше сили. Впечаток, како товарот што го понесуваше Лазаров на другите натпревари сега да го распределија сите меѓу себе. Повторно многу промашувања, одново го рабрануваа противничкиот голман, во случајот Сиера, но сепак одиграа лесно, со доста комбинации на почетокот и како резултат на таа игра рамноправно со Шпанија, гол за гол до 15-тата минута (7:7).
Следуваше серија на Шпанија 6:1 по што се чини паднаа мотивите кај нашите ракометари, иако до крајот на првото полувреме се вратија на пристојни 12:15. Во вториот дел, втората постава на Шпанија очигледно желна за наметнување, заигра цврсто во одбраната. Намалената можност за ротација во нашата селекција и се поприсутниот умор, резултираа со нова серија 6:1 за Шпанија по што веќе се беше јасно. Конечни , реални, Македонија-Шпанија 33:22.
Во нашата селекција Муркуловски како и на претходните средби го извади максимумот од себе и на крајот беше најефикасен со 7 голови, Манасков и Стоилов постигнаа по 4, а Ристовски со 6 и Ангелов со 4 собраа вкупно 10 одбрани. Во селекцијата на Шпанија Кањељас имаше 6 од 6 и со исклучок на Андреу кој одигра 11 минути сите други се запишаа во листата на стрелците, а голманите Сиера и Перез забележаа 16 интервенции.
На прес конференцијата по натпреварот селекторот Обрван истакна дека е задоволен од конечниот пласман на нашата репрезентација на ЕП, со оглед на сите околности, а за натпреварот со Шпанија со три бека во составот и не можело повеќе да се очекува, но и дека заморот бил причина за високиот пораз.
Зоран Видевски
Специјален известувач на МРТ од Хернинг, Данска
