Во Минхен обид да се најде решение за сириската криза

11.02.2016 12:54

Земјата е на раб на пропаст, откако третите преговори за спас на Сирија во Женева, поради радикално спротивставените ставови на власта и опозицијата, беа одложени за 25-ти овој месец.

Министрите за надворешни работи на седумнаесет земји членки и триесет шефови на држави и домаќините, државниот секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија Лавров, од денеска во наредните три дена, во Минхен ќе се обидат да најдат решение за кризата во Сирија.

Земјата е на раб на пропаст, откако третите преговори за спас на Сирија во Женева, поради радикално спротивставените ставови на власта и опозицијата, беа одложени за 25-ти овој месец. Рускиот заменик- министер за надворешни работи, Гатилов изрази подготвеност во Минхен да се постигне договор за прекин на огнот, при што потенцираше дека преговорите во Женева зависат од ставот на претставниците на опозицијата.

„Саудиска Арабија ќе им ја понуди целата потребна помош на нашите браќа во Сирија, за да се соочат со угнетувачот и за да се најде решение за кризата. Земјата мора да има нова иднина без Башар Ал Асад“, вели министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија.

Во меѓувреме, состојбата на терен е алармантна, најкритично е во Алепо.

Состојбата во Сирија е навистина лоша. Руската војска не напаѓа од воздух, а сириската од земја. Со гранати и барел бомби се гаѓаат цивили“, вели жител на Алепо.

Црвениот крст со предупредување- повеќе од 50.000 луѓе се раселени поради жестоките борби. Хуманитарната состојба во градот е алармантна. На минусни температури без храна и вода, на илјадници луѓе им се заканува смрт, предупреди претставник на Црвениот крст. Во меѓувреме под притисок на меѓународната заедница Турција дозволи влез на 30 илјади бегалци од Алепо. Но, состојбата на границата е се уште напната.

„На сириска страна има осум кампови, но тие не се доволни за да ги соберат сите бегалци, затоа сега градиме поголеми кампови.“

Во речиси петгодишната војна во Сирија 250.000 луѓе го загубија животот, а повеќе од четири милиони се присилени да ја напуштат земјата.

 

Марија Петковска