Случај „Дива населба“: Одбраната тврди- не се работи за тероризам

11.02.2016 13:11

Речиси сите бранители на обвинетите тврдат дека ќе докажат оти не станува збор за тероризам во случајот „Дива населба“...

Судскиот процес против 29-мината обвинети за настаните во кумановската населба „Тоде Мендол“, продолжи денеска под силно полициско обезбедување. Обвинетите се товарат за тероризам и за случувањата од 9-ти мај минатата година, кога беа убиени 8 припадници на полициските единици, а 37 беа повредени. Во акцијата беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Речиси сите бранители на обвинетите тврдат дека ќе докажат оти не станува збор за тероризам во случајот „Дива населба“, односно  „Тоде Мендол“, бидејќи на втори мај, кога во обвинителниот акт се посочува дека со 3 возила биле превезени низ Куманово, градот бил под силно полициско обезбедување, поради митинг на една политичка партија.

Еден од обвинетите тврди дека четворица од групата, откако биле приведени, биле ликвидирани. Обвинетите тврдат дека наводно биле злоупотребени за политички цели.