Поддршка за младите балетски таленти

11.02.2016 14:59

Прва и втора награда за младите балерини Антонија Атанасова, Мартина Димовска и за Сара Димовска, на меѓународниот напревар во Келн. Тие добија и стипендии, со кои ќе посетуваат часови во Созопол- Софија. Министерството за култура во континуитет ги поддржува со одредени средства македонските балетски таленти.

Напорното вежбање од 4 часа дневно на младите балерини Антонија Атанасова, Мартина Димовска и Сара Димовска им донесе две први и едно второ место на меѓународниот натпревар за класичен и модерен балет во Келн. Признанијата ги добија во голема конкуренција со учесници од Белгија, Италија, Германија, Австрија, Романија. Седмоодделенката Сара го живее сонот да стане балерина од 6- годишна возраст, вели дека наградата е плод на голем труд и на желба за надоградување.

Нивниот педагог Тамара Ѓурчиновска вели дека цела година се подготвуваат за настап од две минути пред светската јавност. Талентот кај нив го препознава од најмала возраст.

Настапот на талентираните балерини се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура. Министерката Канческа нагласи дека талентираните уметници даваат огромен придонес во промоцијата на нашата култура во светски рамки.

Студиото „Арт балет“ основано преку кредитот за самовработување на млади лица до 29 години, има и повеќе признанија. Лани на меѓународниот балетски натпревар „Виена опен 2015“ во Австрија, триумфираше со шест први места, четири втори и три трети места.

 

Александра Перевска