Одбрана: Во „Диво насеље“ немало тероризам

11.02.2016 15:14

Продолжи судскиот процес против 29-мината обвинети за настаните во кумановската населба „Тоде Мендол“. Обвинителството ги товари за тероризам, за учество во судирите со полицијата во Куманово, при што загинаа 8, а беа ранети 37 припадници на полициските единици. Обвинетите тврдат дека наводно биле злоупотребени во политички цели...

На главната расправа обвинетите тврдеа дека дури и малите деца знаеле дека тие не се терористи. Двајца од нив, Руфки Догани и Насуф Бекири тврдеа дека се наместени и злоупотребени за политички цели. Во Куманово требале да бидат само фигури, оти Бег Ризај и Мирсад Ндрецај им рекле дека ако дојде полицијата да не ја напаѓаат и да пукаат само во воздух.

„Новитет од мојот клиент, Руфки Догани, кој кажа дека Бег Ризај, Мирсад Ндрецај, Ваљон Кабаши и Самир Кастриоти, биле живи и се предале на полицијата, а биле егзекуирани во полициската станица каде што се предале“, изјави адвокатот Мефаил Арслани.

Љупчо Веселиновски, адвокатот на обвинетиот Фадил Фејзулаху, посочи на фактот дека според обвинителниот акт, групата влегла во „Диво Насеље“ меѓу 2-ри и 3-ти мај 2015 година, што, според него, е нелогично бидејќи тој ден во Куманово се одржувал конгрес на една политичка партија и Куманово било под силно полициско обезбедување.

„Како е тоа можно, кога во тој период во Куманово се одржува конгрес на една политичка партија, а Куманово е под силно политициско обезбедување, а овие лица на тој начин да дојдат до местото на настанот, каде што наредниот ден се одвиваат воените дејствија“, изјави адвокатот Љупчо Веселиновски.

Во воведниот збор, обвинетиот Арсим Бајрами од Ваксинце, кој бил вработен како полицаец побара вистината да излезе на виделина, пред сѐ поради неговите колеги.

Речиси сите бранители на обвинетите, го отфрлија обвинението како тероризам, или терористички акт.

Според обвинителниот акт групата која дејствувала во Куманово била составена од команданти организатори, косовски државјани, потоа граѓани од земјава кои им обезбедиле сместување и логистика и од извршители кои пукале. Водачи биле Ндрецај и Ризај.

Претходно на 21-ви и 22-ри април групата ја нападнала полициската станица во Гошинце и одзела оружје со кое ги извршиле нападите на 9-ти и 10-ти мај.

Во престрелките во „Диво насеље“ загинаа 8 полицајци, а 42 беа тешко ранети.

 

Фиљана Кока