Поефикасни методи за третман на лимфоцитната леукемија

11.02.2016 15:51

Поефикасни и помалку токсични лекови во третманот на лимфоцитната леукемија применуваат западно-европските земји и САД. Оваа терапија пациентите ја примаат доживотно...

Поефикасни и помалку токсични лекови во третманот на лимфоцитната леукемија се применуваат во западно-европските земји и Соединетите Американски Држави. Пациентите ја земаат терапијата доживотно, чини меѓу 50 и 100 илјади евра. Според академик Димитар Ефремов, станува збор за скапа терапија, која тешко ја издржуваат здравствените буџети и во најразвиените земји.

„Проблем со овие лекови е тоа што мора да се примаат доживотно, кај мал процент на пациенти може да се јави резистентност меѓутоа тоа е мал процент. Се надеваме дека во иднина ќе се намали цената на овие лекови и дека ќе се изнајдат комбинации на овие лекови со други лекови кои би можеле да доведат до лекување на болеста“, изјави проф. д-р Димитар Ефремов, професор по хематологија.   

Лековите се помалку отровни за разлика од стандардната хемотерапија која се користи во моментов. Сепак, потребна е подолга процедура додека се воведат кај нас.

„Ние поминуваме од терапија со чиста хемија, со соединенија кои се лабораториски создадени кон нешто што е апсолутен тренд во медицината, таканаречена таргетирана терапија и биолошка терапија, агенс кој што ја напаѓа точно болната клетка и тоа е напредокот“, објаснува д-р Оливер Каранфиловски, Клиника за хематологија.

Лимфоцитната леукемија е една од најчестите типови на леукемија кај возрасните. Во западно-европските земји заболуваат по шест пациенти на 100 илјади жители. Кај нас, на Клиниката за хематологија, секоја недела се регистрира по еден случај со ова малигно заболување.

 

Андријана Атанасовска