Преку спортот до традиционалните семејни вредности
„Спортот и семејните вредности“ е новиот проект на Агенцијата за млади и спорт со кој ќе се враќаат подзаборавените традиционални семејни вредности. Спорт и игри во слободносто време со вклучување на родителите е пораката за здрави поколенија. По Скопје и Штип, проектот стигна и во Прилеп...

Фудбал, ракомет, одбојка, но и „здрвен дедо“, „штафета“, балансирање со топка - како игри на детството. Со рекреација во слободното време младите и родителите заедно ќе ги враќаат семејните вредности.
„Овде е фантастично, прекрасно. Сега имаме игра со штафети и маички.“
„Многу убаво се чувствувам и сакам да учествувам на вакви работи.“
„Би требало да има повеќе вакви дружења“, велат прилепските основци.
Агенцијата за млади и спорт и со прилепските основци и средношколци го спроведува проектот „Спортот и семејните вредности“. Тоа е обединувачка порака, особено во семејството, за зачувување на традиционалните вредности кои се во опасност во денешното време на живеење.
„Верувам дека денеска ќе придонесеме кон стимулирање на родителите да поминуваат што е моѓно повеќе време со своите деца, а истовремено ќе ги поттикнеме младите луѓе, односно дечињата да се занимаваат со спорт и спортски активности. Денеска нема да има победници и победени. Денеска ќе победи дружбата“, вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасевски.
Прилеп сесрдно ги поддржува сите форми на зближување на младите и родителите.
„Преку спортот се дружиме сите, и како семејства. Меѓутоа, стекнуваме и нови другарства, пријателства. Исто, преку спортот развиваме психофизички здрави деца кои ќе бидат иднина и на Прилеп и на Република Македонија“, изјави прилепскиот градоначалник Марјан Ристески.
По Скопје, Штип и Прилеп, проектот на Агенцијата за млади и спорт „Спортот и семејните вредонси“ ќе допре до младите во сите поголеми градови во земјава.
Елизабета Митреска
