Тероризам

ИД објави ново видео со 4-годишниот „Џихади јуниор“

11.02.2016 16:35

На седумминутното видеото се гледа како детето притиска копче на далечински управувач и по неколку секунди експлодира автомобилот со наводните „шпиони“.

Исламска држава објави ново видео на кое британското четиригодишно момче, со прекар „Џихади јуниор“, разнесува четворица затвореници. На седумминутното видеото се гледа како детето притиска копче на далечински управувач и по неколку секунди експлодира автомобилот со наводните „шпиони“.

Во видеото, за кое се смета дека е снимено во градот Рака, „Џихади јуниор“, облечен во маскирна облека, покажува со рака кон мажите во автомобилот, коишто со лисици на рацете облечени во портокалови комбинезони ги исповедаат своите „злосторства“ пред камерата непосредно пред смртта.

До момчето стои маскиран човек, кој на англиски јазик му се заканува на британскиот премиер Дејвид Камерон обвинувајќи го дека испраќа вооружени групи во Сирија за да се борат со џихадистите. На крајот додава дека убиството на „шпионите“ е одмазда за тоа.

Најновото видео доаѓа еден месец откако „Џихади јуниор“ и беше претставен на јавноста. Минатиот месец Сандеј Дер, човекот што тврди дека му е дедо на момчето потврди дека неговата ќерка Грејс во 2012 година избегала со своето бебе и се омажила за шведски борец на ИСИС во Сирија.

Исламска држава обучува момчиња на тригодишна возраст за џихадистичката идеологија, како да ракуваат со огнено оружје, за техниките на обезглавувањето и за тоа како да се биде бомбаш- самоубиец. Малите авганистанчиња се најновите регрутирани деца од терористите на Исламска држава, кои спроведуваат слични програми за перење мозок во Сирија и во Ирак.

 

Марина Автовска