САД: Превентивни мерки за заштита од терористички напади
САД преземаат превентивни мерки за заштита од терористички напади. Зајакнати се мерките за контрола на аеродромите и на граничните премини. Во 2016-та, државните институции можат да бидат цел на компјутерски напади. Ова е оценката на секретарот на Хоумленд Секјурити, Џех Џонсон, во Вашингтон, којшто се заложи до крајот на својот мандат да работи на безбедноста и зајакнување на безбедносните агенции во САД.

Тероризмот, компјутерските напади и илегалната имиграција се најголемите закани по американската безбедност во 2016-та, ова е оценката на Џех Џонсон, секретарот на Хоумленд Секјурити, агенцијата за домашна безбедност. Оваа година се воведени поголеми мерки на безбедност на аеродромите, проверки на патниците уште пред да стигнат во Америка, како и засилени проверки на туристите на коишто не им се потребни визи.
„Во 2016-та, борбата против тероризмот ќе остане клучна улога на Хоумленд Секјурити. Ова го наложија настаните од 2015-та. Како што кажав многу пати, ние сме во нова фаза на глобална терористичка закана, која бара сосема нов вид на одговор. Од терористички напади изведувани од терористи сега се соочуваме со напади инспирирани од терористи. Овие терористи може никогаш да не дојдат во контакт со член на терористичка организација, но живеат меѓу нас и самите се радикализираат од нешто постирано на интернет. По природа, терористичките напади се тешки за откривање од страна на напите разузнавачки и безбедносни агенции. Тие многу малку или воопшто не се забележуваат, што прави посложен предизвик. Она што го правиме како прво со нашите партнери од коалицијата е продолжување на борбата на воен план против терористичките организации во странство“, изјави Џех Џонсон, секретар на Хоумленд Секјурити.
Минатата година е регистриран помал број на депортации на илегални имигранти, но САД ја зајакнуваат контролата на јужната граница кон Мексико поради илегалците од Јужна Америка. Првиот човек на Хоумленд Секјурити најави поголеми проверки на бегалците од Сирија.
„Дадаме наш придонес за справување со кризата со бегалци од Сирија. Безбедносните агенции во соработка со Стејт Департментот работат на приемот на најмалку 10 илјади бегалци од Сирија до крајот на оваа година. Ова ќе го направиме внимателно, проверувајќи ги бегалците на повеќе нивоа и со засилен процес во кој се вклучени повеќе безбедносни и разузнавачки федерални агенции“, вели Џонсон.
Американските градови како и многу европски престолнини можат да бидат цел на терористички напади од приврзаници на Исламската Држава. Затоа американските безбедносни агенции веќе соработуваат на спречување на напади на американско тло, но и превентивно дејствуваат во заедниците за да се спречи радикализацијата на младите.
Според секретарот на Хоумленд Секјурити, за да се зголеми безбедноста во САД, сите американски граѓани ако видат или чујат нешто сомнително треба да го пријават на властите.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
