Соопштение на генералниот секретар на РФМ

Милошевски: „Се враќaме со кренати глави“

22.01.2014 20:30

По последниот натпревар на македонската ракометна репрезентација на ЕП во Данска и по сите настани во и околу селекцијата, што предизвикаа низа реакции, со соопштение се огласи генералниот секретар на ракометната федерација, Филип Милошевски. Соопштението Ви го пренесуваме во целост:

По последниот натпревар на македонската ракометна репрезентација на ЕП во Данска и по сите настани во и околу селекцијата, што предизвикаа низа реакции, со соопштение се огласи генералниот секретар на ракометната федерација, Филип Милошевски. Соопштението Ви го пренесуваме во целост:

 „Во системите каде што јас сум функционирал во мојата досегашна 15-годишна кариера, секогаш имало почитување на хиерархијата, што овде не е случај со поединци, кои упорно се трудат да ја нарушат кохерентноста во репрезентативниот поредок, нешто што во нивните матични клубови не би било замисливо да се стори.

 Уште во изборната програма претседателот на РФМ истакна дека суетите ќе бидат оставени на страна во текот на неговиот мандат, дека ќе се гради систем што треба да дава резултати на долг рок, со точно дефинирани индивидуални и тимски одговорности, со многу работа и почитување на редот и дисциплината, но тука гледам дека одреден мал дел од репрезентативните играчи се преокупирани со своите каприци!

Цитирам: „Зошто Бранко Ангеловски не бил повикан во Пореч? Зошто Кирил Лазаров имал повторно „анемично“ лош ден и промаши 3 пенали баш против Унгарија, каде што претходно играше? Зошто препоната повторно го боли и повторно Кирил Лазаров не игра за Македонија баш во мечот со Шпанија, каде што моментално игра? Зошто Прибак е натурализиран, а не одиграл како се очекувало? Зошто селекторот бил ладен со некои играчи? Зошто не сме го добиле Исланд по 4:0? (Простете ако нешто испуштив...) Па, мислам дека е апсолутно инфантилно да се занимаваме со вакви малограѓански проблематики!! Никој не го спори успехот од 2012-та година во Србија, но исто така факт е дека „комплетни“ ги загубивме сите три меча на квалификациите за ОИ во 2012-та година и факт е дека лани бевме 14-ти на СП во Шпанија (12-ти од европските екипи). Ние како Федерација се потрудивме да ги овозможиме најдобрите оптимални услови на играчите, добри конекции за патување, од ноември лани ангажиравме кондиционен тренер кој и индивидуално работеше со дел од играчите, репрезентативците беа подложени на посебен физио - диететски режим во соработка со еминентната здравствена институција, Аџибадем - Систина, премиите и другите примања на играчите се однапред дефинирани и навремено им се исплаќани, условите за сместување и тренинг се на оптимално ниво.

Сето ова беше направено со цел играчите да бидат фокусирани на подобри перформанси на терен, наместо расправање на стратегиски политики, со кои (види чудо!) не се занимавале порано бидејќи сѐ им било дозволено?! Она што веројaтно во моментов најмногу пречи се ангажманите на Прибак и Вугринец, но тие беа планирани со најдобра намера, да помогнат во обезбедувањето подобар резултат. На крај на денот, играат за македонски клубови, плаќаат македонски даноци и тие придонесуваат за кревање на нивото на квалитетот на македонскиот ракомет. Зарем треба да го споменам Бо Мекејлеб?  Кога би имале поголем избор на национални ракометни таленти, секако дека секогаш би ja претпочитале најпрво таа опција! Зошто ова пречи токму сега? Зошто на големите „патриоти“ до сега не им пречеше непријавувањето на кадетите и младинците на квалификациите за ЕП и СП со години?! Зошто порано не е направена иницијатива за работа со младите категории? Или доколку ги имаме и создававме и тоа ќе пречеше некому?

Како и да е, и покрај сите згоди и незгоди што нѐ следеа, пред и за време на овој најважен континентален собир, се враќаме дома со кренати глави и пласман во првите 10 национални тима во Европа. Ќе продолжиме посветено да работиме за доброто на македонскиот ракомет и покрај тоа што начинот можеби нема да им се допадне на поединци. По завршувањето на ЕП Данска 2014 РФМ ќе излезе со официјално соопштение“- се вели во соопштението на генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски.