Минхен: Напредок во преговорите за Сирија

12.02.2016 12:44

Договорено е веднаш да се достави хуманитарна помош за населението и постепено да се намали непријателството меѓу двете страни со цел да се создадат предуслови за почеток на мировните преговори.

По пет часа преговори, светските лидери на состанокот во Минхен постигнаа договор за планот како да ги прекинат крвавите судири во Сирија. Договорено е веднаш да се достави хуманитарна помош за населението и постепено да се намали непријателството меѓу двете страни со цел да се создадат предуслови за почеток на мировните преговори. Сепак министрите за надворешни работи не најдоа решение за целосно прекинување на огнот и руските воздушни напади. Американскиот државен секретар Џон Кери соопшти дека е постигнат консензус, непријателството да прекине во рок од една недела.

„Имам чест да кажам дека на состанокот во Минхен, постигнавме напредок во преговорите за постигнување мир во Сирија. Се согласивме за испорака на хуманитарна помош и тоа да почне веднаш во најкритичните региони, а потоа на целиот сириски народ“, изјави Кери.

Шефот на руската дипломатија Лавров изјави дека Русија нема да ги запре воздушните напади и побара од сириската опозиција да ги исполни обврските. Воедно додаде дека  договрот кој го постигнаа Русија и САД, како и претставници на десетина земји, нема да се однесува на Исламска држава, Ал Нусра и другите терористички организации.

„Нашите воздухопловни сили ќе продолжат да делуваат против овие организации. Состојбата во Сирија е многу комплицирана, има многу страни вклучени во конфликтот“, изјави Лавров.

Лидерите очекуваат договорот кој засега е само на хартија, да се спроведе и на терен.

„Како што се очекуваше преговорите беа тешки, но со  позитивен исход. Ние се посветивме на целосно спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која беше едногласно усвоена во декември, а сега вистински тест е да се спроведе тоа што го договоривме вечерва“, изјави Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбеност.

Во меѓувреме, рускиот премиер Димитри Медведев предупреди на можноста од светска војна доколку не се најде брзо решение за конфликтот во Сирија и доколку во него бидат инволвирани копнени сили од Соединетите држави и Саудиска Арабија. Во сирискиот конфликт кој трае пет години четири милиони луѓе ги загубија животите, и ја предизвика големата бегалска криза.

 

Марија Петковска