Бегалскиот бран не стивнува

12.02.2016 13:25

Бројот на бегалците расте во последните неколку дена, и достигнува број од 2.500 за 24 часа, што го потврдуваат и од високиот комесаријат за бегалци.

Низ Транзитно-прифатниот бегалски центар на македонско-грчката граница, се зголемува бројот на децата од Сирија, Ирак и од Aвганистан, најверојатно поради спојувањето со семејствата во земјите на ЕУ.

Бројот на бегалците расте во последните неколку дена, и достигнува број од 2.500 за 24 часа, што го потврдуваат и од високиот комесаријат за бегалци.

„Во јануари годинава, примивме и испративме 52 илјади бегалци, додека во февруари досега имаме околу 22 илјади, оттука до Табановце. Од пред неколку дена бројката почна да расте, секој ден околу 2 илјади и четиристотини бегалци поаѓаат од транзитниов центар“, вели Хајдар Фахад теренски службеник УНХЦР- ПТЦ Гевгелија.

Од Центарот за управување со кризи ги повикаа европските институции на поконкретна поддршка на земјава.

„Ни недостасуваат средства, ни недостасува опрема, ни недостасуваат луѓе. Мислевме дека овој период ќе биде краток, но не престанува. Помошта и тоа како ни е потребна, пред се од меѓународната заедница бидејќи и ние сме дел од оваа рута. Можеби не сме дел од ЕУ, но и помагаме колку можеме во справување со оваа мигрантска криза“, вели Зоран Лазаровски, раководител на Центар за управување со кризи- Гевгелија.

Во изминатите 6 недели од годинава низ центарот минале над 77 илјади бегалци, од кои околу 30 илјади се деца и 16 илјади и 700 жени. Лани низ Mакедонија транзитирале над 700 илјади регистрирани бегалци, а се претпоставува дека околу милион од почетокот на кризата се упатиле кон ЕУ.