Донација од САД за полесно справување со предизвиците од бегалската криза

12.02.2016 15:01

Помош од Американската амбасада, наменета за полесно справување со хуманитарните предизвици со мигрантите и бегалците. Станува збор за опрема, наменета за Центарот за управување со кризи, АРМ, Дирекцијата за заштита и спасување, и за тимовите на Црвениот крст, за одговор при катастрофи...

Агрегати, кревети, вреќи за спиење, ќебиња- тоа е само дел од помошта што Американската армија му ја донираше на Црвениот крст. Опремата вредна 300 илјади долари ќе се користи за поефикасно справување со предизвиците поради постојаниот наплив на мигрантите. Од Црвениот крст се задоволни бидејќи ова ќе им помогне, велат,  за дејствување и во посложени ситуации при прифаќањето на мигрантите.

Американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли посочи дека Македонија е земја чии граѓани знаат колку е макотрпен патот на мигрантите до нивната последна дестинација. Тој рече дека Македонија не е исклучок од земјите кои се соочуваат со две различни прашања и одговорности, бегалците да имаат хуман третман со целосна почит и достоинство, од друга страна да ја контролира својата граница. 

„Мислам дека Македонија се обидува токму така да постапува, но и тоа е единствениот начин за било која друга земја да реагира. Можеби имаат други планови, дискутираат со Европската унија. Јас не сум дел од дискусијата, така што нема да ви одговорам во моментов на прашањето. Но мислам дека ова води до безбедни граници и хуман третман на бегалците“, рече американскиот амбасадор Џес Бејли.

Вкупната помош е наменета и за Центарот за управување со кризи, Армијата на Република Македонија, Дирекцијата за заштита и спасување и за тимовите за одговор при катастрофи при Црвениот крст.

 

Фиљана Кока