Експерти: Да се отстранат еколошките бомби
Депониите на рудниците, металуршката и хемиската индустрија- еколошки бомби од минатото. Експертите апелираат, да се преземат итни мерки за нивно отстранување. Сериозни се последиците по здравјето на луѓето...

Депониите на рудниците, остатоците од старите индустриски капацитети од металургиската и хемиската индустрија се еколошки бомби кои директно влијаат врз здравјето на луѓето. Експертите апелираат, потребни се итни мерки за нивно отстранување.
„Имаме ние одредени региони каде што животната средина е сериозно оптоварена од загадувањето. Јас би го издвоил Велес, како резултат на работата на топилницата, но иако е затворена во 2002 година, ефектите на загадувањето се чувствуваат и денеска во многу сериозна форма“, вели Трајче Стафилов, Институт за хемија.
Малку податоци има колку е загадена почвата во земјава. Не постои континуиран мониторинг на квалитетот. Затоа и не знаеме колку квалитетна храна јадеме, вели Душко Муакаетов од земјоделскиот институт.
„Се прават големи напори од страна на Министерството за земјоделство да се промовира начинот на органско производство, да се применат т.н. практики на добра земјоделска практика, да се субвенционира агроеколошки мерки итн“, изјави Душко Мукаетов од Земјоделски институт.
Како последица од аерозагадувањето, болниците се полни со пациенти кои се жалат на респираторни заболувања, асматични напади. Зголемен е и бројот на малигни случаи.
„Трендот на малигни заболувања кои се врзани со аерозагадувањето е во пораст. Особено во Тетово, Битола и Скопје. Тоа се понови податоци, кои покажуваат дека во овој дел од државата каде што има мониторинг, каде што е високо аерозагадувањето е во полоша состојба од другиот дел каде што се пониски овие состојби“, изјави
Драган Ѓорѓев, Републички завод за здравствена заштита.
Експертите ги повикаа надлежните иснтитуции да ги помогнат истражувањата во екологијата за да се утврдат причините и последиците од загадувањето и да се донесат конкретни решенија на проблемите кои се провлекуваат со децении.
Андријана Атанасовска
