СЈО

„Титаник“ за изборни нерегуларности

12.02.2016 15:40

Специјалното јавно обвинителство ја презеде првата акција под името „Титаник“. Предметот се однесува на кривични дела поврзани со изборите, гласањето, избирачкото право. Обвинителството сомничи осуммина, меѓу другото и за злосторничко здружување. Со акцијата се опфатени и поранешни министри. Во предистражна постапка, информираат од обвинителството, се и случаите „Маѓар телеком“ и „Надеж“...

Специјалното јавно обвинителство ја најави акцијата „Титаник“ - првиот предмет се однесува на изборни нерегуларности. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека е отворена истражна постапка за повеќе лица осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои и за злосторничко здружување.

„Во 2012-та година, осомничените во својство на министер за внатрешни работи, министер за транспорт и врски и секретар на Владата на Република Македнија, сите членови на Извршен комитет на една политичка партија, заедно со други засега непознати лица, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво, а осбоено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група која имала за цел вршење кривични дела против изборите и гласањето“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителството побарало судот да одреди мерка притвор за осуммина. Еден е донесен на распит во предистражна судска постапка. Во Обвинителството отвориле истрага и за членови на општинската изборна комисија во Чаир за изборна измама во 2013-година, за четворица членови на ДИК, како и за петмина судии на Управниот суд. Обвинителката Ленче Ристоска објави дека се почнати и други предистражни постапки.

„Предистражните постапки кои кај нас моментално се отворени, би ги напоменала предметот познат во јавноста како Маѓар Телеком, кој е побаран од Обвинителството за организиран криминал и корупција, за да одлучиме за нашата надлежност. Исто така, формирана е предистражна постапка за аферата Надеж“, рече обвинителката Лидија Ристова.

Специјалната обвинителка Катица Јанева вели дека правдата ќе победи.

„Сите ме охрабруваат и јас да бидам храбра и исправено да стојам пред бурите и ветриштата што му се спротивствавуваат на СЈО, уште од самиот почеток на неговата работа. Ме охрабрува и поддршката на меѓународната заедница“, нагласи Јанева.

Јанева побара да се дополни Законот за заштитен сведок, судските процеси во нејзина надлежност да и се предадат без одолговлекување, а Советот на обвинители да ја почитува автономијата на Специјалното обвинителство.

 

Миле Ристески