ДПМ ги врачи годишните награди по повод 69-тиот роденден
Друштвото на писателите на Македонија на годинашните добитници Оливера Николова, Славе Ѓорго Димовски, Весна Мојсова Чепишевска, Велко Неделковски и Јусуф Едип им ги врачи петте награди за најдобри остварувања во 2015-та, на свечен собир по повод својот 69-ти роденден...

На годинашните лауреати, на Оливера Николова и беше врачена наградата „Стале Попов“ за прозната книга „Кадифената покривка“; Славе Ѓорго Димоски – награда „Ацо Шопов“ за стихозбирката „Јазичен триптихон“; Весна Мојсова-Чепишевска – награда за есеи и критика „Димитар Митрев“ за книгата „Семеен албум“; Велко Неделковски – награда за литература за деца „Ванчо Николески“ за „Златко – Златец“ и Јусуф Едип, кој доби награда „Книжевен мост“ за најдобра книга на некој од јазиците на националностите, за стихозбирката „Прашинка“ објавена на турски и на македонски јазик.
„Кадифената покривка“ е провокативна, храбра, неверојатно возбудлива, преку сите граници „заиграна“, маестрално испишана и „чудно“/необично структурирана проза, рече Лужина и додаде дека Николова создала зашеметувачко книжевно уметничко дело.
Милан Ѓурчинов потенцира дека наградената книга на Славе Ѓорго Димоски зрачи со рафинирана зрелост на поетското писмо и додаде оти се изделува од годинашнава поетска продукција како оригинална и впечатлива творба.
Наградите на добитниците им беа врачени по повод 69-годишнината од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.
Александра Перевска
