Јавниот сектор брои 127.139 вработени во 1.266 институции
Најмногу вработени има во секторот образование и наука, 34.200, и во здравството, 19.826, додека најмалку во судството и културата...

Јавниот сектор брои 127.139 вработени – соопшти министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска – Томовска. Работат во 1.266 институции. Бројот е намален за речиси 1 процент во однос на лани. Регистарот на вработени е веќе во функција.
Презентирајќи ги резултатите од регистарот на вработени што требаше да се воспостави заклучно со утре, но е веќе во функција, најмногу вработени има во секторот образование и наука, 34.200, и во здравството, 19.826, додека најмалку во судството и културата.
Во институциите на централно ниво: собрание, влада, министерство, фондови, агенции, дирекции,..., се вработени 17.077 лица, во полицијата 11.359, а во одбраната 7.825.
Бројката на вработените во јавниот сектор е намалена зашто изминатиов период се објавени исклучително помал број огласи, односно само неколку, за војската и полицијата, како и во други сегменти каде, поради потреба, се склучени времени договори за не повеќе од една година, истакна Арсовска Томовска.
Како што информира министерката, за дополнителна транспарентност, од идната недела на веб страницата на Министерството секој вработен во јавниот сектор со внесување на матичниот број ќе може да провери дали е внесен во регистарот.
