Енергетска ефикасност: Сертифицирани речиси 1.000 градежници

12.02.2016 16:56

На Македонија и требаат меѓу 9 и 16 илјади работници за изградба на енергетски ефикасни објекти- покажува проектот инициран од Европската унија. Капацитите ќе се зајакнуваат, со цел до 2020-та да го постигнеме таргетот. Работниците веќе ги посетуваат обуките...

Преку системот за препознавање на знаења и вештини на градежните работници, што е новина не само за Македонија туку и за ЕУ и проектот „Билд- ап скилс“ од 1.146 пријавени, 972 работника се здобија со сертификат во една од петте области за која биле обучени и сертифицирани: фасадери, кровопокривачи, електроинсталатери, столари и мајстори за греење, климатизација и ладење.

„Македонија има чест да биде единствена земја надвор од членките на ЕУ да биде дел од оваа проектна активност на унијата. Целта на оваа иницијатива е во суштина да се подигнат капацитетите на градежните сектори во секоја земја, па и во Македонија за да може да градат енергетско- ефикасни објекти“, изјави Јадранка Аризанковска, Стопанска комора на Македонија.

Целта на проектот е овие придобивки да се прошират и развијат во две насоки. Прво пазарно препознавање на овие вештини и знаења на работниците и второ, во рамките на постојните државни институции овие искуства да се вградат и да почнат да се применуваат и во други области.

„Постои надополнување на овој проект, се вика Билд- ап скилс 3, каде што пријавувањето ќе биде до 15 септември годинава, каде што ќе настапиме со проект во овие две насоки. Како да има поголемо пазарно признавање на оваа вештина на  работниците и верификација на пазарот и второ како овие искуства институциите за образование на возрасни ги искористат и ги внесат во одредени правила за да се користат пошироко и за други занимања“, изјави Ристо Иванов, проектен конзорциум.

Најголем интерес во првиот циклус на обуки и сертифицирање имало за занимањата фасадери и кровопокривачи, затоа што нашите фирми се најнапредни во тие области, а инвеститорите во овој дел веќе бараат висок квалитет во изведбата на објектите.

Свето Николовски