Подобро искористување на средствата од ИПАРД програмата

15.02.2016 13:04

Целта е да се подобри ефикасноста на Платежната агенција и воведување на нови мерки на поддршка во аграрот...

Новиот твиниг проект вреден 1,5 милион евра треба да овозможи подобро искористување на средставата од ИПАРД програмата. Целта е да се подобри ефикасноста на Платежната агенција и воведување на нови мерки на поддршка во аграрот.

Мартин Клауке од Делегацијата на ЕУ во Скопје изјави дека ИПАРД Програмата имаше одредени недостатоци и поголем дел од средствата во периодот 2007-2013 година останаа неискористени. Ова е ситуација со која ЕУ не е задоволна. Затоа ги насочивме нашите напори, заедно со локалните партнери да го најдеме решението на овој проблем, рече Клауке.

Искористувањето на средствата од ИПАРД Програмата е највисок приоритет на Владата и веќе се преземени соодветни мерки за нивна зголемена апсорпција: отворање Гарантен фонд, субвенционирање банкарска камата, изготвување типски проекти, намалување на критериуми и отворање канцеларии за подготвување апликации, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.

Првиот секретар во Амбасадата на Словенија Домен Петелин нагласи дека во интерес на Унијата е земјите од регионот да се развиваат и побрзо да станат дел од европското семејство. – Прилагодувањето на ЕУ-стандардите бара политички одлуки, но и стручна работа, рече Петелин, додавајќи дека освен декларативна поддршка, твининг-партнерите ќе обезбедат и конкретна, експертска помош.

Директорката на Платежната агенција Билјана Вуковиќ од претстојните проектни активности очекува, како што рече, поедноставување на внатрешните контроли кои се покажале како една од пречките за подобро искористување на ЕУ-фондовите.