Расте бројот на туристи во земјава
Речиси 11 проценти повеќе туристи ја посетиле земјава лани. Најмногубројни биле турските туристи. Проширените субвенции за туроператорите би требало да донесат зголемување на бројот на странски посетители во домашните хотелски капацитети...

816.000 туристи ја посетиле Македонија во 2015-та година. Според Државниот завод за статистика, тоа претставува раст од 10,9 проценти. Сме пречекале гости од Турција, Грција, Србија, Холандија и од Бугарија. Турците биле најмногубројни, а Холанѓаните најдолго престојувале во земјава. Во последниве шест години, 10 милиони евра се издвоени за субвенционирање на странските тур оператори.
Сепак, од Стопанската комора бараат од Министерството за економија да се стимулираат и домашните туристи. Според Здружението за угостителство и туризам, ако се намалат даноците ќе се намалат и цените, а домашните угостители ќе станат поконкурентни.
Годинава од 1-ви јануари, за гостите кои доаѓаат со чартер летови од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција и од Шпанија, субвенциите се зголемуваат од 25 на 65 евра по лице, додека за туристите од Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија од 25 на 35 евра.
Угостителите очекуваат повеќе гости и зголемени приходи, капацитетите веќе се резервираат. Според податоците, во хотелиерството и угостителската дејност се регистрирани околу 4.500 компании, вкупно се вработуваат 25 илјади луѓе.
Наташа Јанчиќ
