Поддршката од банките значајна, целосно искористена четвртата транша од поволните кредити

15.02.2016 16:40

Целосно е искористена четвртата транша од поволните кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ). Само лани со 113 милиони евра со поддржале 950 нови проекти. Бизнисмените очекуваат годинава да одговорат на нарачките, бараат банките да продолжат да ги кредитираат...

Домашниот сектор е задоволен од стартот на 2016- тата. Во првите два месеци се реализираат договорите, се прават нови нарачки. Бизнисмените велат- конкурентноста е клучна за настап на странските пазари, затоа поддршката од банкарскиот сектор е значајна.

„Потреба од кредити секогаш има, ако сакате да настапувате на нови пазари, ако сакате да ја осовременувате технологијата и техниката на вашата компанија, потребни се понекогаш за обртни средства, така што секогаш треба да се инвестира правилно и во право време“, вели бизнисменот Горан Антевски.

Целосно се искористени средствата од четвртата транша на евтини кредити што Македонската банка за поддршка на развојот ги обезбеди од Европската инвестициска банка. Минатата година  биле одобрени кредити од 113 милиони евра за околу 950 нови проекти за финансирање на микро мали и средни претпријатија. Според првиот човек на Македонска банка за поддршка на развојот, Драган Мартиновски, за идната година се планира од револвинг кредитот да се финансираат уште 50 милиони евра нови проекти.

„Секако најзначајно учество во вкупните кредити, има кредитот од ЕИБ, при што во текот на 2015 година беа финансирани проекти од близу 83 милиони евра“, вели Мартиновски.

Банкарскиот сектор е подготвен да ги прати компаниите и да обезбеди доволно финансиски средства. Интерес за кредити има од прехранбената индустрија, од земјоделството, преработувачката индустрија. Добар знак е, велат банкарите, намалувањето на процентот на  нефункционални кредити.

„Генерално се насочени кон нови проекти, инвестирање во нова опрема, машини, освојување на нови пазари, подобрување на енергетската ефикасност...“, вели банкарот Предраг Милошоски.

За пет години 350 милиони евра евтини кредити биле ставени на располагање на компаниите. Досега со овие средства се финансирани вкупно 1.760 проекти и отворени се над 6.700 работни места.

 

Дијана Ценевска