ЕУ одобри 10 милиони евра за Македонија за справување со бегалската криза
Европската унија одреди 10 милиони евра како помош на Македонија за справување со бегалската криза. Со парите, нашата земја треба да ги подобри своите системи за гранично управување, како и да покрие дел трошоците за справување со ситуацијата на јужната граница. Од Брисел остануваат на ставот дека е потребен европски одговор на бегалската криза и дека затворањето на границите не е решение...

Европската унија одобри дополнителни 10 милиони евра помош за Република Македонија во справувањето со бегалската криза. Со парите треба да се подобри граничното управување, да се врши ефикасна регистрација на луѓето кои влегуваат во земјава на патот кон Западна Европа, како и да се покријат дел од трошоците за офицерите кои Европските држави ги испратија на јужната граница.
„Европската комисија ќе усвои програма во вредност од 10 милиони евра за да и помогне на ПЈР Македонија. Целта е да и се помогне на земјата, да го подобри граничното управување во контекст на бегалската криза. Вакво барање беше испратено од ПЈР Македонија. Со техничката помош од Фронтекс и со овие средства сакаме да и помогнеме на државата да го подобри систематскиот мониторинг на границата, како и во идентификувањето и регистрацијата на лицата од трети земји кои ја минуваат границата, легално и нелегално. Сакаме да го спречиме и криумчарењето мигранти“, изјави портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас.
Брисел го повтори ставот – потребно е заедничко европско решение на бегалската криза, затворањето на границите не е решение.
„Сакам да потенцирам дека оваа помош не се доделува за изградба на било какви огради, ЕУ сака да се менаџираат границите, а не да се затвораат“, нагласи портпаролката Тове Ернст.
За справување со мигрантската криза, ЕУ на Грција и додели дополнителни 12,7 милиони евра.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
